Ференц Пушкаш „командантот на лесната коњаница“

Легендарниот унгарски фудбалер со својот талент и успесите одбележа една фудбалска ера, притоа освојувајќи бројни титули и трофеи во Унгарија и во Шпанија, како и со Реал Мадрид.

„Магичниот Унгарец“ како што го нарекуваа, беше предводник на златната генерација на Унгарија, популарната „лесна коњаница“ која во 1953 година со 6:3 ја декласира Англија на Вембли. Тоа беше прв пораз на Англија на Вембли дотогаш.


Пушкаш репрезентативниот дрес на Унгарија го носеше 84 пати и постигна неверојатни 83 голови, беше дел од репрезентацијата која на ОИ во Хелсинки 1952 година го освои златниот медал, а две години подоцна на СП во Швајцарија загуби во финалето од тогашна Западна Германија.

Најголемите успеси, Ференц Пушкаш ги оствари настапувајќи за Реал Мадрид освојувајќи пет трофеи во тогашниот Куп на Европски шампиони (КЕШ). Заедно со Алфредо ди Стефано и Генто го сочинуваше фантастичното трио кое доминираше на европските терени.


Фудбалската кариера ја заврши во 1967 година и се посвети на тренерската кариера. Предводеше неколку екипи, а најголемиот успех го имаше во 1971 година кога со Панатинаикос играше во финалето на КЕШ.

Во 1999 година, Ференц Пушкаш е шести најдобар фудбалер во 20 век, зад Пеле, Јохан Кројф, Франц Бекенбауер, Алфредо ди Стефано и Диего Марадона.
Во негова чест, националниот стадион во Будимпешта во 2002 година е преименуван во „Ференц Пушкаш стадион“.

Во 2000 година му е дијагностицирана Алцхајмерова болест поради која на 13 септември 2006 година е примен на интензивна нега во болница во Будимпешта, а почина на 17 ноември истата година.
Денот на неговиот погреб, 9 декември е прогласен за национален ден на жалост во Унгарија.

Видео на денот