„Ел Класико“ за наследникот на Роналдо

Младиот 19-годишен фудбалер на Бенфика, Жоао Феликс не престанува да ги воодушевува европските фудбалски гиганти со своите игри. Тој својот раскошен талент го презентира и на вчерашниот натпревар од Лигата на Европа против Ајнтрахт Франкфурт. Феликс постигна хет-трик и му асистираше и на Дијас во победата на португалскиот тим од 4:2 над Ајнтрахт во првиот четвртфинален дуел во ЛЕ.
– Жоао е најголемиот португалски талент по Кристијано Роналдо. Ако продолжи со вакви игри не се сомневам дека може да ги достигне квалитетите на Роналдо. Играта на Бенфика не може да се замисли без него, видовте што му направи на Ајнтрахт – изјави Бруно Лаге, тренерот на Бенфика.
Токму по вчерашниот настап, и португалските и шпанските медиуми објавија дека двата шпански гиганти Реал Мадрид и Барселона се подготвени да тргнат во „војна“ за неговиот потпис.
Бенфика својот суперталентиран фудбалер го цени 120 милиони евра, но вклучувањето на шпанските гиганти и одличните игри сезонава, нема да биде изненадување доколку цената се зголеми.
Сериозен интерес за Феликс пројавија и Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Челси, Борусија Дортмунд, Интер, ПСЖ но сите тие се аутсајдери во трката за неговиот потпис и според „О Жого“ идниот клуб на Португалецот ќе биде или Реал Мадрид или Барселона.