Џеронимо!

фото: Архива/Жанета Скерлев

Џеронимо двапати беше тестиран позитивен на добиточна туберкулоза, болест опасна и за другите животни и за луѓето, па ветеринарната инспекција донесе одлука дека алпаката треба да се еутаназира, да се усмрти. И се кренаа луѓето на протести

Никој не сака да биде член на комисијата. А се плаќа. И угледна позиција е – член на комисија. Ќе ги имаше во сите весници, сајтови, на сите радија и телевизии.Ќе ги сликаа, ќе им правеа интервјуа, ќе коментираа како се облечени, кои им се миленичињата, што јадат, што пијат, каде излегуваат…

Некои можеби ќе станеа и многу славни откако ќе им поминеше првичната слава. Ама никако, никој не сака да биде член. На комисијата. И затоа, речиси една година, најугледната институција која водеше сметка за состојбата со медиумите во Обединетото Кралство, медиумскиот регулатор, регулаторната комисија – ОФКОМ, не може да добие претседател.

Конзервативната влада на Борис Џонсон сака на ова место да го стави поранешниот главен уредник на конзервативниот, десничарски таблоид Дејли Мејл, Пол Декр. Ова инаку е дел од планот на владата, на чело на врвните институции од областа на културата, да се назначат „пријателски настроени“ луѓе.

Првиот обид да се назначи Декр неславно пропадна во последниот круг од процесот на интервју на кандидатите. И покрај тоа што владата назначи своја четиричлена комисија, тврдите ставови и мислења за медиумите на кандидатот Пол, инаку осведочен непријател на Би-би-си и на сите прогресивни медиуми во земјата, беа премногу дури и за нив. И наместо на чело на бордот на ОФКОМ да биде назначен еден од другите двајца кандидати кои го поминале изборот, владата решава да го поништи процесот и да почне се од почеток.

Ама членови нема. Како тргнало, кандидатите за членови на комисијата која треба пак да го избере Пол ќе почнат да бегаат, да се кријат, да не ја отвораат вратата, да се преправаат дека „не сум дома“… никој не сака да си ја загрози својата репутација и да биде член на комисија која треба само да го аминува изборот на владата. Угледот, сепак, нема цена.

Здравјето пред независноста

Во Обединетото Кралство, Англија, Северна Ирска, Велс и Шкотска со пандемијата се справуваат главно на ист начин, ама и со посебни правила и рокови. Како? Е па, ако можат сите да имаат свои фудбалски репрезентации, што да не можат и свои ковид-19 презентации? Сите различно влегуваат и излегуваат од изолации, отвораат и затвораат објекти, субјекти и граници (да, да, граници), па имавме ситуации кога Велшаните можеа да шетаат и одат каде сакаат, а ние Англичаните не можевме. И обратно, кога ние се правевме Енглези, а Шкотланѓаните мрчосуваа и коваа планови за уште еден референдум за независност. И тоа со право, би рекла, зашто на оној за брегзит, Шкотска во мнозинство гласаше за останување во ЕУ, ама нек‘смет…

Референдум ќе има, порано отколку што му се допаѓа тоа на премиерот на Обединетото Кралство, но се чека да помине пандемијата, па изгледа после ќе се делиме. А додека сме пандемични, јазот помеѓу богатите и сиромашните се шири.

Минатата година стапката на смртност во најсиромашните делови на Шкотска беше двојно повисока од онаа во богатите делови. И порано повеќе страдаа сиромашните, но податоците од шкотското биро за статистика покажаа дека пандемијата го зголемила јазот. И тоа не баш малку. Велат дека сиромашните имаат 20 години помалку добро здравје од побогатите. И дека се поизложени на болести. И на алкохолизам и зависност од дрога и дијабетес и болести на дишните патишта и…

Бројките се навистина шокантни. Мажите во сиромашните делови од Шкотска се очекува да имаат добро здравје пред да ги нападнат болештини до 47 години, во богатите делови можат да уживаат и да си свиркаат до 72,1 година. Слично е и кај жените, само некоја година – помалку… Затоа, многумина сметаат дека главната задача на првата министерка Никола Стрџен во моментот е здравјето на луѓето. Па референдумот.

Фармата на Мекдоналд

Госпоѓата Мекдоналд, која не беше стара, имаше фарма. А на фармата имаше и куче, и маче…но главната љубов и беше Џеронимо. Главен и во стадото во кое не стигна да се социјализира, зашто откако дојде од Нов Зеланд во 2017 година, цело време беше во карантин и во изолација. Џеронимо беше алпака, јужно американско животно слично на лама, кое се одгледува поради убавото долго крзно. Во Англија има се повеќе фарми низ кои слободно трчкаат овие животни. Ама Џеронимо двапати беше тестиран позитивен на добиточна туберкулоза, болест опасна и за другите животни и за луѓето, па ветеринарната инспекција донесе одлука дека алпаката треба да се еутаназира, да се усмрти.

И се кренаа луѓето на протести. Преку ноќ Џеронимо стана медиумска ѕвезда, осамна на насловните страници на сите весници, сам и во прегратките на фармерката Хелен Мекдоналд. Луѓето кои протестираат против ковид пасоши, против начинот на кој британската влада се повлече од Авганистан, против тоа што министерот за одбрана Доминик Рааб е се уште министер, против полициско претресување „на тепка“, против Талибан, против бавното реагирање на владата во спречувањето на глобалното затоплување… се здружија и да му го спасат животот на осомничениот дека е заразен Џеронимо за кого излезе дека заразен дошол и во ЈуКеј.

Не помогнаа судските процеси, ниту петицијата потпишана од 140.000 луѓе од целиот свет, ниту апелите до премиерот Борис Џонсон, не помогна ни тоа што таткото на БоЏо, Стенли Џонсон излезе на телевизија и се заложи за простување на животот на Џеронимо (или можеби заради тоа?!) црномурестиот Новозеланѓанец за жал не е веќе на фармата. Во раните утрински часови, ветеринарните инспектори облечени како во инфективно, ама со опрема на НАСА, дојдоа, го зедоа и Џеронимо отиде во легендите.

Но, се зборува дека сега се планира да се сними филм за Џеронимо, во кој крајот ќе биде среќен, зашто многумина (не само деца) се истрауматизирале од животот и случувањата на алпаката. На луѓето, очигледно им треба хепи енд. Не сакаат во наместена регулаторна комисија, не сакаат референдум пред здравје и преку глава им е од зарази и карантини. Сликата на Џеронимо како трча слободен низ бреговите и зелената трева, како скапото крзно му се виори на ветрот, на зајдисонце, Шерон Стоун во улога на Хелен Мекдоналд…Бесценето. Џеронимо!

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот