Дисингер: Ќе биде тешко, имаме само три натпревари во три месеци, додека Киелце е во полн натпреварувачки ритам

Ракометарот на Вардар, Кристијан Дисингер вели дека отсуството на натпревари е голем хендикеп за македонскиот тим пред утрешната пресметка со Киелце во Лигата на шампионите.
Полскиот тим е лидер во групата А со девет бодови од шест натпревари, додека „црвено-црните“ имаат четири бода но од само три средби.
– Сезонава е навистина неизвесна, тешка за нас бидејќи немаме доволно тренинзи, натпревари, не знаеме каде сме во моментов. Ќе биде тешко за нас бидејќи не играме многу натпревари, не играме во СЕХА лигата, не играме во домашното првенство и искрено не можам да очекувам премногу. Одигравме само три натпревари во три месеци. Ние сакаме да победиме, играме да победуваме, но сигурно нема да биде лесно. Килеце има одиграно шест натпревари во ЛШ, играат во полското првенство, тие се половина од сезоната, додека ние се обидуваме да ја започнеме сезоната. Киелце е лидер во нашата група, а ние мора да победиме. Идниот натпревар во ЛШ повторно ќе го играме против нив и би било добро доколку во Полска заминеме со победа – вели Дисингер.