Дигитално време во село без струја

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Деновиве по социјалните мрежи се врти една едноставна математичка задача „3+3х3+3“ на која се понудени три одговори од кои треба да се избере точниот. Од неколкуте стотици одговори кои следат ниту половината не се точни затоа што луѓето кои не знаат ова да го решат не го научиле (или не внимавале на час кога на времето наставникот објаснувал) простото правило во математиката дека, кога нема загради во задачата, најпрво се извршуваат операциите множење и делење, а потоа собирање и одземање. Толку!

Ова е само една слика од резултатите од образованието на минатите генерации, кои учеле како што си е ред – во училници, со наставници и, што е најважно, од учебници. Дел од граѓаните сѐ уште не знаат кои зборови се пишуваат слеано, а кои разделено, каде се пишува голема буква, едначење по звучност и разни други правописни и граматички правила што се закон во македонскиот јазик. Некои, да ги праша човек, не знаат каде е Пробиштип, а не пак кој е главен град, на пример, на Турција. Локацијата на планините и реките во Македонија за дел од граѓаните е најголема загатка, а историските податоци, оние значајните, останале длабоко закопани во учебниците по историја, во лекциите кои требаше да се знаат од збор до збор за да се добие петка.

На образованието со децении наназад му е неопходна реформа. И се спроведуваа реформи, најразлични, но ниту една досега не даде резултати со кои можеме да се пофалиме. Најновите реформи во овој суштински и значаен сегмент од животот предвидуваат дигитализација. Наместо од книга учениците од прво и четврто одделение да учат од дигитални учебници, кои според надлежните ќе им обезбедат квалитетна интерактивна настава.

Се разбира, како и секоја реформа во државава и оваа наидува на жестоки критики. Најгласни се оние кои сметаат дека нема учење ако книгата не се фати в раце. Учебникот му е мајката, а не децата цел ден да седат пред таблети и компјутери!

За жал помина времето кога потребните информации за некој наставен предмет се стекнуваа само од еден учебник. Живееме во „дигитално“ време, на кое и образованието е неопходно да се прилагоди, да биде интерактивно и информациите да се црпат од многу извори, а не само од еден или два автори кои наставната програма ја свеле на еден учебник.

Сепак, спроведувањето на реформите, не се прави во 5 до 12, односно на два дена пред почетокот на учебната година. Министерката Мила Царовска вели дека дигиталните учебници се подготвени, како и апликациите за нивна имплементација. Е сега, родителите од први септември треба да ги инсталираат тие апликации на дигиталните уреди во својот дом. Оние што немаат ќе треба да си набават, затоа што таблети на државен трошок ќе добијат само децата од социјално загрозените семејства.

Во држава во која основното образование е задолжително и бесплатно, нели за сите ученици третманот треба да биде ист? За сите да се обезбедат еднакви услови за следење на наставата? Значи, ако државата решила да го реформира и дигитализира образованието треба да си обезбеди таблети за сите ученици, исто како што претходно обезбедуваше учебници. Па после, зошто реагирале родителите.

Министерката информираше и дека за учениците во чии домови нема струја обезбедени биле материјали за учење во печатена форма. За каква дигитализација на образованието зборуваме кога во денешно време во државата сѐ уште има семејства кои за жал живеат како во среден век: Кон какви светски стандарди се стремиме, кога некому не му се достапни ни елементарни услови за живот?

Утре почнува школската година со физичко присуство (?) на децата на наставата. Сѐ уште траат дискусиите за тоа дали е тоа добро или лошо со оглед на состојбата со коронавирусот. Децата сакаат да одат на училиште, затоа што тоа значи социјализација, дружење, смеа со нивните ученици, моменти кои остануваат трајно врежани во спомените. Со среќа на училиште!

Видео на денот