Дезинформациите за вакцините во земјава може да убијат

Дезинформациите за вакцините во земјава постојат и може да убијат бидејќи ги напаѓаат самите граѓани. Тие се прелеваат од светот во Македонија, но македонските медиуми се во поддршка главно на научната вистина, рече денеска Бојан Кардалов, комуникациски специјалист на брифингот со новинари на тема „Редовна вакцинација на децата, факти и дезинформации“ којшто го организираше Министерството за здравство во соработка со фонацијата „Метаморфозис“.

Врз основа на доставените годишни извештаи за спроведена и реализирана задолжителна имунизација против заразните болести во земјава, во 2022 година, од страна на Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици и здравствените установи кои ја спроведуваат вакцинацијата во Републиката, Институтот за јавно здравје изврши обработка и анализа на добиените податоци. Резултатите покажуваат дека во однос на примарната вакцинација не е констатиран препорачаниот опфат од над 95 проценти за ниту една вакцина на национално ниво. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90 проценти за сите вакцини и тоа против хепатитис Б, инфлуенца тип Б, ДиТеПер и МРП вакцините, како и вакцинацијата против ХПВ која бележи најнизок опфат од сите вакцини, велат од Институтот за јавно здравје.

Професор доктор Александра Грозданова, национален координатор за имунизација, вели дека сите вакцини во државата се безбедни. Таа апелира граѓаните да ги вакцинираат децата навремено и да не ги одложуваат вакцините, туку тие да се одвиваат во согласност со календарот за имунизација и да ѝ веруваат на науката. Конкретно, објаснува дека во 2019 година кога се појави епидемија на морбили, морало интензивно да се вакцинираат децата кај кои МРП вакцинат против морбили, била пропуштена. Тогаш  дадени биле 41.600 дози  МРП вакцина на популација до 14 години.

– Голем дел од родителите се загрижени за оваа вакцина и аутистичниот синдром. Меѓутоа, ние кај овие 41.600 деца не видовме појава на ваква асоцирана состојба. Ние сме мала земја и ако нешто се појавеше, ќе се детектираше. Тоа е извонреден пример кој на нашите примери потврдува дека МРП вакцината е навистина безбедна. Ние имавме 40 илјади семејства коишто потоа  беа спокојни бидејќи ја донесоа правилната одлука и ги вакцинираа своите деца. Токму благодарение на тоа претодните пет години имаме мирна ситуација и не се појавија нови епидемии, изјави професор доктор Грозданова.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани истакнува дека вакцините ги спасуваат детските животи и тоа е научно докажан факт.

– Многу ми е мило што ги уживаме бенефитите на генерациите пред нас, кои биле целосно вакцинирани затоа што многу болести веќе не ги сведочиме и не ги гледаме поради тоа што многу од генерациите пред нас успешно се вакцинирале. Би сакала да ги поттикнам родителите за идните генерации да ги вакцинираат своите деца. Сум живеела и работела во заедници каде се уште имало болести кои доведуваат до попреченост кај луѓето и тоа не е пријатно да се сведочи, рече Ди Џовани и апелираше граѓаните да ги вакцинираат своите деца.

Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести вели дека вакцините се многу важни за здравјето на идните генерации.

– Компликациите кои се јавуваат како резултат на појавата на болести кои се превентабилни со вакцини, се навистина сериозни. Епидемијата со морбили во 2019 година за жал однесе три детски животи. Беа на возраст од 5, 11 и 13 месеци. Во најраната возраст. Детето кое било на пет месеци не ни можело да биде вакцинирано. Но останатите можеле да ја примат и би се спречила така можноста и за пренесување кон помалите деца и за компликации, истакна доктор Мехмедовиќ.

Во изминатите 20 години, се до 2020 година не е регистриран опфат под 90 проценти за примовакцинација освен за ХПВ. Намалувањето на опфатот со вакцинација е тренд присутен не само во нашата земја, туку и на глобално ниво, а последните неколку години е несомнено поврзан со пандемијата со ковид-19.

Според препораките на СЗО  и други меѓународни компетентни институции, се наметнува неопходна потреба од сериозни мерки во однос на задолжителната вакцинација во земјава, со цел да се зголеми опфатот со сите ваквини и ревакцини на регионално и локално ниво.

– Службите за вакцинација потребно е да ги интензивираат и континуирано да ги бараат неевидентираните, невакцинираните и непотполно вакцинираните лица, преку проверка на вакциналниот статус за сите вакцини и ревакцини на сите припкрепени лица во соодветниот вакцинален пункт.

Лицата кои се невакцинирани или непотполно вакцинирани треба веднаш да се повикаат и да се вакцинираат согласно календарот за имунизација, препорачуваат од Институтот за јавно здравје.

Интензивна вакцинална кампања треба да се спроведе особено на териториите на Куманово, Скопје, Тетово, Битола и Струмица каде се регистрира најнизок вакцинален опфат со повеќе вакцини.

Децата кои се пропуштени за вакцина или не се вакцинирани веднаш треба да се повикуваат и да се вакцинираат согласно календарот. За зголемување на опфатот со ревакцинација на училишните деца, ИЈЗ препорачува да се интензивира теренската вакцинација во училиштата, наместо да се повикуваат училишните деца за вакцинација во вакциналните пунктови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот