Децата на Кашоги добиваат огромни оштети од Саудиска Арабија

фото:EPA-EFE/ALI HAIDER

Децата на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври минатата година, како отштета од саудиските власти добиле куќи вредни милиони американски долари и секој месец добиваат уште илјадници долари како поддршка, објави „Вашингтон Пост”.

Според весникот, за кој пишуваше Кашоги, куќите за кои станува збор се наоѓаат во Џеда, во западниот дел на Саудиска Арабија, во иста станбена населба и секоја вреди наводно до четири милиони долари.

Покрај тоа, секое од четирите деца секој месец добива парична помош од 10.000 долари, информира весникот, повикувајќи се на саудиски поранешни и сегашни функционери, како и лица блиски на семејството.

Според весникот, тие би можеле да добијат и неколку милиони долари по лице, во рамките на преговорите за „цена на крвта” кои се очекуваат кога за неколку месеци ќе завршат судските процеси против лицата осомничени за убиството на Кашоги.

Весникот наведува дека отштетата за децата ја одобрил кралот Салман на крајот од 2018 година.

Само Салах, постариот син на Џамал Кашоги, се уште живее во Саудиска Арабија, во Џеда, каде работи како банкар. Другите тројца, брат и две сестри, живеат во САД.

Кашоги беше убиен во октомври во саудискиот конзулат во Турција. Неговото тело наводно било распарчено и никогаш не е пронајдено.

Саудискиот јавен обвинител во ноември обвини 11 неименувани осомничени, меѓу кои и петмина кои би можеле да бидат осудени на смртна казна поради „наредба и извршување на злосторството”.

ЦИА и некои западни служби веруваат дека убиството го нарачал престолонаследник Мохамед бин Салман, додека Саудиска Арабија демантира.

Ријад со судењето сака да и удоволи на меѓународната заедница која остро ја критикуваше Саудиска Арабија поради убиството, а по инцидентот некои инвеститори се повлекоа од Саудиска Арабија.

Видео на денот