Деспотовски: Отворање и транспарентност на институциите преку дигитализација

фото: МИА

Преку дигитализацијата ќе обезбедиме отвореност и транспарентнот на институциите, порача денеска директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски  при учеството на вториот Дигитален самит на Западен Балкан што се одржува во Белград.

Деспотовски беше говорник на панелот „Дигитална економија и општество” посветен на зголемување на транспарентноста на јавната администрација и поголема употреба на отворени податоци.

„Демократизацијата на општеството сакаме да ја постигнеме и преку целосно отворање и транспарентност на институците. Во тој процес ги вклучуваме и домашните компании како и граѓанското општество. Програмата „Пристап” што ја почнавме во 2018 година со Министерството за транспорт и врски нуди токму таква можост –  домашните ИТ компании преку отворање на податоците од системите на институциите да ги искористат за изработка на решенија кои ќе овозможат нивна отвореност, но и ефикасност.  Дигитализацијата на општеството и јавниот сектор е исто така и еден од трите столба на Научно технолошкиот парк, кој неодамна беше отворен во Скопје“, рече Деспотовски.

Панелистите, соопшти ФИТР, се согласија дека постои и поголема потреба од регионална соработка на ова поле што ќе донесе позитивни придобивки за граѓаните. Тие ги споделија искуствата од своите земји и побараа да се направи регионална база во која ќе се интегрираат отворените податоци што ќе му бидат од корист и на бизнис секторот.

На панелот учествуваа и Сузана Прибиловиќ, министер за јавна администрација на Црна Гора, Одета Барбулиши заменик министер за надворешни работи на Албанија, Михајло Јовановиќ, директор на канцеларијата за информатичка технологија на Србија и Славиша Лечиќ, советник за корисници од САП.

На дводневниот Дигитален самит во Белград учествуваат  околу 4.000 учесници и 200 говорници од 30 економии, кои ги претставуваат најновите трендови во областа на ИТ индустријата.

Видео на денот