Десетка за „Слободен печат“!

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ако текстов го читате во печатеното издание на весникот „Слободен печат“, ако густирајќи го кафето уживате во листањето и во шушкањето на хартијата, ако ви значи да прочитате нешто писмено, одговорно, напишано според новинарски стандарди (а не анонимно, навредливо, скандалозно…) накратко, ако сѐ уште сте читател, тогаш постоењето на весниците има смисла. Ако, пак, го „гледате“ на телефон и тоа ви е сосема доволно, тогаш – никому ништо!

Има една добра и една подобра вест. Добрата е дека денеска се навршуваат десет години (и со бројки – 10) од излегувањето на првиот број на „Слободен печат“; подобрата е што таа вест ја објавуваме во истиот тој весник, во овој негов денешен (последен? се шегувам) број.

Како и сите слични пригодни текстови за убави моменти, редот е и овој да почне со поздрави и честитки. Првата и, секако, најважна ја заслужуваат читателите на весници воопшто и на „Слободен печат“ посебно. Секој што купил весник и што во моментов ги чита овие редови во него е за секоја почит. Секако, има многу други фактори што решаваат за судбината на весниците, што значи и за таа на „Слободен печат“, ама читателите се смислата на неговото постоење. Затоа, почнувајќи од првиот број објавен на 19 октомври во „далечната“ 2013 година, за нас во редакцијата немало, нема и нема ни да има некој што е и што ќе ни биде поважен од нив.

Ќе ја злоупотребам службената положба (сега кога го избришаа членот 353 од Кривичниот законик тоа е дури и пожелно да се прави) за да кажам дека честитки заслужуваат и сите што се директно вклучени во сложениот секојдневен процес на правење ваков медиумски производ – новинари, колумнисти, лектори, дописници, надворешни соработници, уредници, технички дизајнери, маркетинг-агенти, печатари, дистрибутери, менаџери и, секако, сопственици. Тие го заслужуваат тоа, ако за ништо друго, туку за тоа што весникот воопшто постои и што сѐ уште го гледа светлото на денот. А тоа не е ни малку, ни лесно. Особено во ова невреме.

Но, одбележувањето на овој јубилеј – за нас не баш мал – нема да го злоупотребиме како повод за да кажеме со какви тешкотии се соочуваме, а сепак успеваме некако да преживееме, да опстанеме на пазарот. Ако ги напишеме сите проблеми, на овие страници нема да остане простор за ништо друго. Во оваа пригода доволно ќе биде да потсетиме дека правењето/издавањето весник чини многу човечки труд, не само интелектуален, и големи финансиски трошоци (за стресот и неизвесноста на работата да не зборуваме), а истовремено на пазарот речиси и не постои нешто што е поевтино од весник. Колку за споредба: едно кафе во просечна кафеана е поскапо отколку сите броеви во една недела.

„Слободен печат“ беше основан во режим во кој медиумите, вклучително и весниците, како никогаш од осамостојувањето на државата, беа целосно ставени во служба на актуелната власт. Слободата на информирање беше згазена со бескруполозно насилство – политичко, економско, па и физичко – и со корупција на медиумите од невидени размери. Злогласниот Центар за комуникации на владејачката партија ги уредуваше најголемиот број од нив, ако не и сите. И во такви услови „Слободен печат“ опстана и целиот свој потенцијал го вложи во борбата за промени. Без лажна скромност, сметаме дека значајно придонесе во враќањето на демократијата, посебно на медиумската слобода.

„Слободен печат“ е најтиражниот весник во државата. Тоа е добро за да се задоволи суетата, но таа не мачка путер на леб. Весникот не може да преживее дури и со многу поголеми тиражи од проста причина што неговата производна цена е повисока од продажната. Значи, ако покрај продажбата нема друг извор на финансирање, весникот едноставно ќе го снема. Ако, на пример, државата не сврти нов лист, ако не најде – и тоа под итно – некое трајно решение за спас на овој класичен медиум (да не речам стар занает во изумирање), наскоро може да стане една од ретките, ако не и единствена во која ќе нема ниеден весник. Тоа нема да биде чудно, зашто искуството ни кажува дека оваа држава (злоупотребена како маша на партиите на власт) многу полесно дозволуваше весниците да гаснат, да се затвораат, отколку што се погрижи да опстанат.

Наместо да биде чувар на огнот, таа, без око да ѝ трепне, ги пушти низ вода. Другите земји во клубот во кој се трудиме да се зачлениме одамна го прават тоа. На пример, задоволството да има весници Франција го плаќа со околу седум милијарди евра годишно од државниот буџет.

Но, има нешто што е уште позагрижувачко. Никој никогаш сериозно не се побуни, не се јави никаква јавност да каже збор во одбрана на весниците. Дури ни тие на кои треба да им се утринска молитва не се помолија за да ги спасат. Ајде тоа што неколку стотини новинари останаа на улица, туку очигледно никому ништо не му фалеше со тоа што одеднаш снема три весници (дури, никој не праша со што ќе се бришат стаклата од прозорците, од што ќе прават капа молерите, што ќе стават против ветар моторџиите, што ќе постелат бездомните…).

Кога се роди „Слободен печат“, во налетот на информативната технологија (интернетот, паметните телефони…) судбината на весниците веќе беше одредена. Во хрониката на нивната најавена смрт веќе немаше што ново да се напише. Најоптимистичките прогнози, тие од најголемите познавачи на медиумските состојби, беа дека весниците нема да умрат, ама ќе умрат нивните печатени изданија.

Каков спас, каква Пирова победа, за т.н. чувари на цивилизацијата.

Па, ако веќе нема бизнис математика, а ни многу информативна логика, има ли смисла и понатаму да постојат „печатени“ весници? Еве еден можен одговор. Ако текстов го читате во печатеното издание на весникот „Слободен печат“, натенане, опуштено, без страв дека ќе го снема и дека на негово место ќе се најде некој друг (се мисли на текстот), ако густирајќи го кафето уживате во листањето и во шушкањето на хартијата, ако ви значи да прочитате нешто писмено, одговорно, според новинарски стандарди (а не анонимно, навредливо, скандалозно…) накратко, ако сè уште сте читател, тогаш – има. Ако, пак, го „гледате“ на телефон и тоа ви е сосема доволно, тогаш – никому ништо. Одиме натаму!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот