Денот на шегата одбележан во општина Гази Баба

Деца од градинките и од сите 11 основни училишта од општина Гази Баба беа дел од манифестацијата „Априлијада 2019″ што се одржа на плоштадот во Автокоманда.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски ја отвори манифестацијата и посочи дека таа традиционално се одржува за децата да се дружат на едно место.

– Нека е честит Денот на шегата. По тој повод, децата од градинките и сите 11 основни училишта ќе имаат можност да ја покажат својата креативност на ревијата на маски. Преку игри и песна, ќе покажат во што се маскирани. За најдобрите следуваат и награди, а настанот е збогатен и со културно-забавна програма. Покрај оваа, Гази Баба реализира и низа други настани за најмладите, а водиме сметка и за установите во кои го поминуваат најголемиот дел од денот – изјави Георгиевски.

Тој посочи дека во моментов се работи на неколку проекти за подобрување на условите во градинките и основните училишта.

– Ја прошируваме градинката „Морковче” во Јурумлери со уште една занимална, а адаптиравме и уште една просторија која ќе биде наменета за јасли. Ја реновираме и градинката „Калинка” во Железара, каде ќе се отвори место за уште 60 нови деца, а градинката ќе работи и во втора смена. Започнавме со градба на нова градинка во Стајковци која ќе има капацитет за 140 деца – рече Георгиевски.

Најави дека ќе се градат нови градинки и во Трубарево, Синѓелиќ, Инџиково и Ќерамидница. Овие денови ќе биде пуштено во употреба и целосно новиот објект на ОУ „Вера Јоциќ” во Маџари, каде се гради и нова спортска сала.

Видео на денот