Денко Малески и политиките на САД кон Македонија

Ристо Никовски / Фото: Архива на Слободен печат

Не е спорно дека САД играат голема улога по независноста на Македонија, ама крајно негативна, во секој поглед. Тие беа креатори на сите наши голготи. И кој не сака мора да биде свесен за тоа.

(Повод: Како можеме на Америка да и кажеме не?, „Слободен печат“ од 20 август 2021 година)

Бугарските негаторски политики кон Македонија и кон Македонците, кои кулминираа со неразумна блокада на нашиот пат  кон ЕУ, имаат само една убава страна: максимално не сплотија против нецивилизираниот агресор. Сите во државава се критички расположени против бугарските „освојувачи“, освен „нашите“ врвни политичари, коишто се прават недоветни во однос на нивните историски синдроми и додека тие не плукаат, овие велат – врне!  Со крупни букви на својата прва страница, сосема точно така напиша и „Слободен печат“, пред некое време. За „политичарите“ можеби има и некакво оправдување бидејќи тие почнаа процес на капитулации во однос на соседите и ова е само продолжение на историски погрешните политики со кои го уништуваат македонизмот. Напикани во калта, тие само се повеќе пропаѓаат.

Денко Малески е речиси единствен на домашната сцена, којшто ги поддржува бугарските небулози. Неговите оценки се вчудовидувачки. Кај него е се погрешно и од секој аспект:  дипломатски, историски, национален, логичен… Просто е за неверување дека Македонците како нација (не како народ, демек) за него настанале во текот на Втората светска војна. Со други зборови, дотогаш сме биле „бугарчиња“, иако неосвестени. Тоа се токму бесмислените тези коишто ги пласира и Софија.

Повод за оваа реакција е текстот на Малески „Како можеме на Америка да и кажеме не!“  Тоа што го тврди Малески во овој текст покажува дека не се разбира од дипломатијата и дека како прв министер за надворешни работи по независноста на земјата, бил тотален  аматер. Тој тврди дека Американците, по распадот на Југославија, „застанаа одлучно зад оспоруваната од соседите творба на Коминтерната. Апсолутно не ги интересираше нашето минато“, и продолжува „застанаа во поддршка на македонската држава која како последица на  историските јазли беше наречена бебе од катран на Балканот“… „Претставниците на Америка беа луѓе полни со разбирање за нашите маки. Не третираа со респект“. Внимание заслужуваат уште два негови цитати: дека ние Македонците „никако не ја разбираме новата реалност на нашата земја, а уште помалку улогата на Америка во нејзиното конституирање како суверена држава“ и дека САД „секогаш застануваат на страната на послабите“ (!?), што го покажале „не само на примерот на Албанците, туку и на примерот на независната македонска држава“!? Сите овие тврдења немаат апсолутно никаква врска со вистината и реалноста. Да одиме по ред.

  1. Токму САД беа носители на процесот на непризнавање на македонската држава. Доказ: како независни држави, Вашингтон ги призна Словенија, Хрватска и БиХ на 7 април 1992 година. По четири месеци, во август, воспостави дипломатски односи со овие држави и веднаш испрати амбасадори. Во БиХ почнуваше војна.
  2. Како независна држава, САД ја признаа Македонија на 9 февруари 1994 година, речиси две години по признавањето на Словенија, Хрватска и БиХ. Дипломатски односи со Македонија воспоставија на 13 септември 1995 година, повеќе од три години откако го направија тоа со другите три постјугословенски републики. Првиот амбасадор, Крстофер Хил, го испратија дури на крајот на јули 1996 година. Тоа се случи четири години откако имаше амбасадори во Љубљана, Загреб и во Сараево. И не само тоа. Набргу по доаѓањето во Скопје, Хил беше одреден за специјален претставник на претседателот Клинтон на Косово, каде тој веднаш се ангажираше со подготвување на војната која ќе следува во 1999 година. Македонија му беше само најблиска локација за клучниот американски интерес во регионот. (Според Малески, овие факти веројатно би требало да покажат дека САД ги сметале Словенија, Хрватска и БиХ за „послаби“ и затоа веднаш застанале зад нив, а не и зад нас, како посилни?)
  3. За споредба, првите шест држави на ЕУ (тогаш ЕЗ) ја признаа Македонија на 16 декември 1993, веднаш воспоставија дипломатски односи и нивните први амбасадори (на Велика Британија, Германија…) беа во Скопје на почетокот на 1994 година.
  4. Малески мора да се сеќава дека во 1992 и на почетокот 1993 година, речиси до неговата оставка, САД избегнуваа секаква средба со нашите политичари. За таа цел, на моја иницијатива, го подготвувавме Димче Беловски, извонреден поранешен југословенски амбасадор во Вашингтон, да оди таму за да воспоставиме некакви контакти. Некаде во февруари-март 1993, САД покажаа спремност за контакти со независна Македонија и мисијата на Беловски беше откажана. Прво Малески, а потоа и Глигоров отидоа во посета на САД.
  5. Не е можно на Малески да не му е јасно дека во ООН, токму САД и го суспендираа од меѓународна употреба историското име на Македонија. Никој друг немаше такви можности. Да го поставиме случајот и обратно – ако САД беа против таквото осакатување на Македонија, дали тоа можеше да помине во СБ на ООН? Во никој случај не можеше. А суспензијата на името водеше во уништување на државата. Ако биле за послабите, нели, како што смета Малески, тоа секако ќе го спречеа. Неспорен факт е дека САД ем не ја признаваа државата, ем и го оспорија и нејзиното име. Ако тоа не се чекори што експлицитно ги негираат државата, народот…, тогаш кои се? Тоа се потези кои беа смртни удари за Македонија. Малески треба да објасни врз основа на што САД ни ја поддржувале државата во тие критични мигови за нас? Горните факти не одат баш во негова корист.
  6. Малески е тој што објави дека агентот Фровик му рекол дека Македонија е дете од катран, ама тој, очигледно, не ја разбрал пораката. А таа била сосема јасна – независна македонска држава никој не сака! Не треба да има никакво сомнение дека Фровик зборувал во име на САД. Докази за тоа има премногу. Впрочем, затоа бил пратен во земјата: за да ги реализира нивните подли намери во однос на независната македонска држава. Да го запали „детето од катран“, што беше и сторено во 2001-та. Сведоци сме како тоа гори веќе со години. Понатамошниот развој на настаните само ја потврдија ваквата американска политика која токму сега ги финализира своите нелегални и нелегитимни цели со затворање на вековното „македонско прашање“.
  7. Агресивниот Фровик беше задолжен од тајните американски служби за бришење на македонизмот. Не случајно тој беше во Скопје на почетокот на 1990-тите години, кога отворено работеше против фундаменталните македонските интереси, за што имам и лични сведоштва. Имав непријатни разговори со него а тој се жалеше на мене кај Глигоров. Очигледно, со Малески немал недоразбирања. Сосема логично, тој се врати во Македонија во 2001-та, кога беше очигледно инволвиран во агресијата од Косово. Преку претходно потпишаната спогодба на албанските лидери во Призрен, организирана токму од Фровик, тој е промоторот на срамниот Охридски рамковен договор, со кој беше направен клучен исчекор во бришењето на македонскиот карактер на државата.
  8. Во дипломатијата, признавањето на државите, воспоставувањето дипломатски односи и испраќањето амбасадори е рутинска постапка. Се разбира, доколку нема причини тоа да не се направи. Малески треба да одговори зашто САД долги години, најкритични за опстанокот на Македонија, не го следеа тоа основно правило? Причини, секако, имало. Сега е сосема јасно дека причина било американското одбивање да ги прифати Македонците како народ и нивната држава Македонија. За таа цел, чекор по чекор, САД прво ја трансформираа државата во мултинационална а потоа во би национална држава и, на крај, во квази федерација. Ни организираа и војна во 2001-та. Откако во Охрид речиси целосно го избришаа македонскиот карактер на државата, сега, на крај, Вашингтон ги задолжи Бугарите да ни ги пресечат националните корени и да ги побугарчат Македонците, за да заврши приказната и македонскиот народ да биде фрлен на ѓубриштето на историјата.
  9. Воопшто не треба да биде спорно и дека американските политики на негирање на независна Македонија беа директен показ за нашите соседи дека „македонското прашање“ е на пат за конечно затворање и дека и тие треба да си ги бркаат своите интереси. Атина и Софија цело време се нивни првокласни партнери во уривањето на македонизмот.
  10. Не мора човек да биде многу паметен за да го разбере сето ова бидејќи фактите бодат очи. Треба само да се сака и да не се изигрува слепило. Без тоа, нема спас. Не е спорно дека САД играат голема улога по независноста на Македонија, ама крајно негативна, во секој поглед. Тие беа креатори на сите наши голготи. И кој не сака мора да биде свесен за тоа. Читателите на „Слободен печат“ имаат право на вистината.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Видео на денот