Брестовац: Подобро функционирам кога сум под притисок

фото: РФМ

Македонската ракометна репрезентација со денешниот собир ги започна подготовките за двата квалификациски натпревари против добро познатиот ривал Исланд, за пласман на ЕП 2020 година. На натпреварот во среда, Данило Брестовац и официјално ќе дебитира на селекторската функција, иако досега долги години беше дел од стручниот штаб на репрезентацијата.

Тој нема многу време за подготовки, вечерва ракометарите ќе одржат еден тренинг, утре ќе патуваат за Рејкјавик, и таму ги очекува уште еден финален тренинг пред натпреварот.

– Немаме многу време за тренинзи, повеќе ќе се насочиме на анализи на противникот. Ќе работиме повеќе на тактички детали, ќе се ослонам на тоа што го играа нашите момци на мундијалот во Германија. Нормално ќе се обидам да уфрлам нешто ново колку што ќе имаме можност за вака краток временски период – вели Брестовац.

Иако киксот со Грција малку ги наруши плановите во квалификациите, Брестовац верува во квалитетот на неговите избраници иако в среда и на 14 април противник е секогаш незгодниот Исланд.

– Ние на сите натпревари ќе одиме на победа. Во групата во која се наоѓаме, несреќниот пораз од Грција ни ги наруши плановите околу подмладувањето и одморањето на клучните играчи затоа што првите две места носат на ЕП плус четирите најдобро третопласирани селекции. Искрено ако бидеме максимално ангажирани на секој натревар мислам дека пласманот на ЕП не би требало да претставува проблем.
Искрено се надевам дека и со една победа во средбите со Исланд ние ќе си го обезбедиме пласманот на ЕП и потоа ќе се обидеме некого да одмориме на наредите два натпревари во јуни – вели Брестовац.

Иако нема доволно време за да ги спроведе своите тактички замисли, довчерашниот тренер на Металург, оптимистички гледа кон дуелите со познатиот противник.

– Подобро функционирам кога имам притисок, некој пат сакам сам да си направам дополнителен притисок и мислам дека тоа е позитивно за оваа ситуација. Тешко дека Исланд може да не изненади, премногу добро се познаваме. Секој пат кога сум бил дел од оваа репрезентација и сега како селектор од оваа гледна точка ние самите сме си главни непријатели. Ако подобро се подготвиме преку видео анализи, ако добро анализираме се што исланѓаните можат да го одиграат против нас и ако одлично им парираме во одбраната тогаш ќе имаме добар резултат.  Затоа се одлучив во Исланд да одиме со малку повеќе дефанзивци, и одиме да се „истепаме“ со нив – размислува новиот селектор.

Видео на денот