Блокада на умот во екот на светски војни

Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, аналитичар / Фото: Дојче Веле

Ако ВМРО-ДПМНЕ ги блокира преговорите со ЕУ за време на две големи светски војни, тоа ќе значи дека Македонија не ја оправда својата независност и по 32 години и покрај членството во ОН и во НАТО.

Две големи војни повторно му се закануваат на светот, иако не поминаа ни сто години од Втората и Првата светска војна, од најголемите ужаси, разорувања, страдања и жртви на стотици милиони луѓе што ги доживеало човештвото од своето постоење. Според многу релевантни оценки, светот влегува во најопасниот период во последните децении.

Ако кликнете на вашиот мобилен телефон и ако ја погледнете географска карта, да видите каде и колку се далеку воените жаришта, верувам дека многумина ќе бидат изненадени од близината каде се пука, гине, разорува и страда. Украина е среде Европа, а Израел и Газа се речиси на иста оддалеченост во спротивен правец. Воените авиони и ракети што сеат смрт, ова растојание го поминуваат, што се вели, додека трепнеш.

Земете ги предвид и фактите, кој уште, покрај директно завојуваните страни, е замешан и учествува во овие војни, и ќе ви стане појасно дека навистина станува збор за светски војни со учество на најголемите велесили. Една од големите разлики е што сојузниците Америка и Русија во Втората светска војна, денес се на спротивставени страни, што заканата од светски војни ја прави поголема.

Она што нас во Македонија посебно треба да нè загрижи е што војните во Украина и во Израел и Газа кои го кренаа светот на нозе, освен во медиумите и кај граѓаните каде што поделеноста, кој за кого е, е јасно видлива, не предизвикуваат промени во приоритетите на партиските политики на ВМРО-ДПМНЕ која и натаму го блокира најдоброто засолниште на Македонија од ваквите големи светски воени кризи што најмногу ги засегаат регионите што се во постојани конфликти.

Едно од таквите подрачја е и Балканот, поточно западен Балкан, новоименуван со непостоечки географски поим токму поради истакнување на разликата дека ова е баш невралгичното лесно запаливо подрачје како критичен дел на Балканот, иако и преостанатиот дел не е изземен од влијанија на војните, но многу помалку бидејќи тие си имаат свое сојузништво, покрај НАТО и во ЕУ.

Светот гори, војводите се чешлаат

Што се случува во Македонија во еден ваков драматичен период за сиот свет: За политиката и активностите на најголемата опозициска партија како да нема војни, или како тие да се случуваат на некоја друга планета. Најкраткиот одговор би бил: соочени сме со катастрофален пораз на лажниот патриотизам. Што би било и многу добро, ако овој пат не сме соочени со вистинско предавство на националните и државните интереси до целосно упропастување на Македонија баш од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Светот гори, војводите на револуционерната партија се чешлаат и се шминкаат за спотови и за митинзи, за прослава на 130-годишнината од основањето на Револуционерната организација. Се прават силни подготовки да бидат величествени војводите за претстојната војна за освојување на власта. Само во една таква пропагандна предизборна војна и во првата половина на 21 век се разгорува патриотизмот со пожесток јазик на омраза и лаги за предавства и непријатели отколку пред 130 години.

Власта, пак, наместо да ги употреби уставните и законските механизми, во вакви вонредни ситуации, и натаму шири оптимизам и напразно се надева дека разумот ќе превладее и уставните промени ќе бидат донесени за да продолжат преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Со, што по сојузот со НАТО би се обезбедила целосна заштита на државата и сестран демократски, културен и економски развој.

И наместо Христијан Мицкоски сосема оправдано да бара итна лидерска средба за околностите во кои се наоѓа и Македонија во ек на светски војни, веднаш да се донесат уставните измени и да отпочнат реформите што водат кон ЕУ, надвор од здравиот разум, упорно се вергла за предвремени избори, за бугарски диктат, асимилација и бугаризација, се заплашува јавноста од страшила Бугари во Уставот, се демонстрира јуначење кон ЕУ и кон Америка, што во суштина значи, не само блокада на геостратегиските и развојни интереси на државата, туку и доведување во прашање на сè она што досега е остварено на тој пат.

Практично ВМРО-ДПМНЕ и партискиот врв ако со диктат врз пратениците ги блокираат преговорите со ЕУ, ќе значи дека Македонија не ја оправда својата независност. Без разлика што досега во изминатите 32 години покрај членството во ОН и НАТО, Македонија го доби и кандидатскиот статус на кој што по историските грешки на ЕУ, на соседите, но и наши со политиката ем шуто ем боде, не ги искористивме многу поповолните шанси да се завршат најзначајните приоритети и Македонија уште пред повеќе од 15 години да стане членка на НАТО и на ЕУ и да го сочува уставното име за домашна употреба. Тоа ни изгледаше понижувачко и навредливо за сега да изгледа недостижно.

Ако сега се направат вистинските чекори таа битка за уставното име може да ја извојува некоја идна генерација што ќе има други позиции во земја членка на НАТО и на ЕУ.

 Пукање во своја глава, или во Македонија

Има уште нешто што е историска закономерност и што за земјите на западен Балкан може да биде многу опасно ако не си ги завршат работите на кои им укажуваат безмалку стотици светски државници, политичари, научници, експерти, јавни личности… а тоа е навреме да се обезбедат пред да почнат мировните преговори по завршување на војните. Сите војни еден ден завршуваат на преговарачка маса. Искуствата од крајот на Првата и Втората светска војна за Македонците се драгоцени ако се извлечат поуки.

По Првата светска војна послуживме како монета за поткусурување во делбите, а по Втората светска војна ако не бевме на историски праведната и победничка страна, Македонија и Македонците многу веројатно како држава и како народ немаше да постојат. Ете тоа ќе беше асимилација, а не ова со што Мицкоски се уште застрашува.

Нѐ изненадува ВМРО-ДПМНЕ со своите анахрони конзервативни ставови на кои се навикнавме, колку што изненадуваат академските средини и јавни личности што се впрегнати во дневно партиско застрашување на јавноста со политички и партиски јазик. На пример, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во своите јавни настапи и лаптоп интервјуа, небаре соопштува ставови на МАНУ, ѝ се обраќа на јавноста како да е на партиски митинг и еден од 22-та претседателски кандидати кој сигурно победува на претседателските избори, како што ќе победи и ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори.
Создавањето победнички амбиент, речиси цела година пред изборите, е рецепт да се оберат расцветаните сончогледи среде зима кои во Македонија редовно се вртат кон победникот како кон сонцето.

Но, нивата е долга за орање. Можно е да се случат многу предвидливи, веќе видени, и непредвидени работи до изборите. Во ВМРО-ДПМНЕ се шири најпогрешната теза дека ако се изгласаат уставните измени тоа ќе биде пукање во сопствената глава. Вистината е малку поинаква ако не се изгласаат уставните измени, тоа ќе биде пукање во Македонија.

 Прочитајте ја пораката на Иван Хаџи Николов

И, конечно, во пресрет на 23 октомври, големата прослава на празникот што си го присвои ВМРО ДПМНЕ како свој континуитет по стоти пат на партиското раководство и на интелектуалното и научно крило им ја препорачувам пораката, се разбира и книгата, ако се во можност да дојдат до оригиналното издание на еден од основачите на историското ВМРО, библиотекарот Иван Хаџи Николов, кој бил најучениот меѓу шесте основачи и во чија куќа во Солун се одржал основачкиот чин на револуционерната организација. Историското ВМРО кое, откако отстапи од изворните определби за сопствена држава, ги направи најголемите злодела убивајќи и упропастувајќи сè што водеше кон прогрес.

Еве што вели Иван Хаџи Николов во своите сеќавања како порака и до партиските функционери и до лидерот Христијан Мицкоски и на оваа прослава на ВМРО ДПМНЕ: „Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија… ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа погубувањето на Македонија и на Македонците.

И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нѐ убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со тргнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а испадна дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство…“

Иван Хаџи Николов под силен товар на историска вина, голем комплекс на одговорност, како што пишува Гане Тодоровски, во кулминација на таквата криза на совеста си го одзеде животот, притиснат од тешка болест. Таков притисок на совеста, денешните лидери на ВМРО ДПМНЕ не чувствуваат. Најновото упропастување на Македонија тие го гледаат како херојски чин, како големо јунаштво на спротивставување на демократскиот свет, на европеизацијата.

Преземено од Дојче Веле

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот