Бегалците отсекогаш и насекаде ги сместуваат во предградијата

Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Иако речиси да нема балканска фамилија во чија биографија нема една или повеќе војни и бегалства, на Балканот сепак не се омилени бегалците. Како овие народи по секоја војна да ги обзема чудна амнезија. 

Некаде прочитав дека Македонија е подготвена да прифати бегалци од Авганистан, што е чин на  исконска човечност и солидарност со жртвите на војните и погромите. Впрочем, приказната на  западната цивилизација и култура, што значи и онаа нашата, балканската, започнува со паметењето на една војна. Тројанската војна опишана во Хомеровата „Илијада“. Историјата на светот е приказна за победи и порази во долготрајни или краткотрајни војни. Сепак, историчарите отсекогаш ја бележат вистинската драма на војните небаре патемно, само споменувајќи ги бројките на бегалците. Меѓутоа, во бројките не можат да се видат бегалските збегови. Ниту лицата на бегалците, полни со страв. Ниту може да се чуе плачот на трауматизираните деца на бегалците. Историчарите обично пишуваат во патриотски патос за славата на големите војсководачи, за освјувањата на нови територии. Победоносните армии влегуваат во градовите со помпа, во чија сенка отсекогаш останува вистинската трагедија на сите војни – драмата  на бегалците. 

Таа секогаш е само кусо време видлива за светот, затоа што тој не ги милува сликите со бегалските конвои, бидејќи тие се цената што се плаќа за војните. И тоа од век во век! Сликите на бегалците  се и денес идентични со оние од војните и прогонствата во Антиката, во Средниот век, по наполеонските походи, по Втората светска војна. Особено Балканот не престанува да  „произведува“ бегалски приказни, не само во минатото, туку и во наши дни, за што сведочат  бегалците од постјугословенските војни. За жал, мирот брзо ги заборава бегалските приказни. Затоа бегалците и нивната драма остануваат најчесто невидливи не само онаму од каде што нив ги прогонила војната, во нивните напуштени татковини, туку и во земјите кои им нудат засолниште.

Израз на човечност

Да се прифатат бегалци кои бегаат од војна е израз на човечноста, на сочувството со прогонетите, но и највисок императив на дваесеттиот век, чија втора половина, по крајот на Втората светска војна,  започна  1951-та со Женевската конвенција за правата на бегалците, донесена од Обединетите нации. Сепак, во ЕУ, која настана за да се спречат историските непријателства помеѓу европските народи, денес има држави-членки кои жестоко одбиваат да примат бегалци. Така беше во големата бегалска криза 2015-тата, така е и сега, во пресрет на бегалците од Авганистан. Ниту просечната свест на балканските народи не е поширокограда кон бегалците. Иако речиси да нема балканска фамилија во чија биографија нема една или повеќе војни и бегалства, на Балканот сепак не се омилени бегалците. Како овие народи по секоја војна да ги обзема чудна амнезија, па тие забораваат дека некогаш и самите биле погодени од бегалството. 

Сепак, вистинската мера за искреноста на сите хумани акции за спасување на бегалците секогаш се согледува во начинот на кој ним им се дава шанса да се интегрираат во новата земја. Откако постои светот бегалците ги сместуваат во гета во предградијата на големите градови. Тоа значи, на периферијата на животот. Дури и кога во Германија се градат нови монтажни бараки за бегалците крај големи сообраќајници или во индустриските преградија, тие таму небаре живеат во ничија земја. Затоа што ги сместуваат свесно така, за  да не ја попречуваат секојдневната слика во градовите. Познат ми е животот во бегалските гета од  фамилијарната биографија.

По крајот на Граѓанската војна бегалците од Егејска Македонија, кои во Југославија  беа наречени „Егејци“, беа сместувани онаму, каде што тие не  паѓаа в очи за останатите граѓани. Тие требаше да бидат присутни, но да се небаре невидливи за останатите. Така беше и со првото „прифатилиште” за егејските бегалци, бараките во близината на селото Браилово. Тоа име, „Браилово“, беше дел од секоја егејска биографија, иако ние, генерацијата на егејските деца, не знаевме дека за нашите предци Браилово беа  само бегалските бараки. И денес во владината информација за авганистанските бегалци  се вели дека за нив ќе се гради прифатилиште надвор од градот. За да се спречи присуството на бегалците да го вознемирува секојдневниот живот на останатите граѓани.

Децениска провизорност

Од истите причини пред седумдесет години и Егејците беа сместувани во напуштените куќи на крајот од селата, во трошните куќарки околу фабриките, како во скопската „Ќерамидница“, во дворот на Млинот Куманово, во дворот на Термоцентралата во Маџари или во близина на комбинатот во Ергеле. Некои од тие егејски фамилии останаа да живеат во таа прва повоена провизорност со децении. Но токму стремежот егејските бегалци да се сместуваат на периферијата на градовите, во населбите како онаа во Автокоманда или Мичурин, ги поттикнуваше останатите граѓани во нив да гледаат нешто „туѓо”, непосакувано и опасно. Тие перцепции на бегалците се и ден-денес почвата во која се раѓаат и се развиваат сите негативни стереотипи за бегалците.

Нашиот модерен свет остана уште атавистички во однос на бегалците. Тие и денес од најголемиот број „култивирани граѓани“ се доживуваат како опасност, затоа си посакуваат тие да бидат сместени онаму, каде што за нив нема да бидат премногу „видливи”. Во таа невидлива за другите бегалска дијаспора се одигруваат драми и трагедии, но и тие остануваат во бегалскиот круг, затоа што бегалските приказни не беа никогаш многу омилени. Затоа и понатаму ќе звучат како утописка надеж речениците од книгата Левит во „Светото писмо”,  во кои Господ Бог му кажува на Мојсеј како еврејскиот народ треба да се однесува кон „туѓинците“  кои дошле да живеат во неговата земја: „туѓинецот кој се населил кај вас, во вашата земја, да биде за вас исто како и сонародникот. Љубете го како себеси затоа што и вие бевте туѓинци во Египет.“ (Левит 19, 34) На друго место се вели дека туѓинецот, бегалецот, тој што побарал засолниште кај нас треба да го поставиме да живее во средиштето на нашиот живот. А средиштето на нашиот живот се нашите срца.

Пренесено од Дојче веле

Видео на денот