Арифи: Ќе воспоставиме една смена во основните училишта

Теута Арифи / Фото: Архива на Слободен печат

Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат Теута Арифи порача дека во сферата на образованието се планира наставниот процес во основните училишта да биде само во една смена. Покрај подобра инфраструктура се планира и воведување на нови или унапредување на наставните процеси.

-Ќе продолжиме со процесот на воспоставување учење во една смена во основните училишта на нашата општина. Сакаме бројот на ученици по одделение да не е поголем од 20, со цел да обезбедиме индивидуално образование и промоција на таленти. Ќе го завршиме процесот на дигитализација на сите училишта и нивно целосно снабдување со дигитални табли. Продолжува воспоставувањето критериуми за упис, како инструмент за зголемување на квалитетот на образовниот процес. Зајакнување на кабинетското учење преку создавање на потребните услови со потребната опрема за креативен процес на учење и во согласност со соодветните насоки. Поставување пливање како дополнителен спортски предмет. Специјален фонд за ученици од семејства во тешка социјална ситуација и за одлични студенти, рече Арифи.

Таа најави и градба на нови објекти за училиштата.

-Идни проекти се изградба на нова градинка во состав на ОУ „Кирил и Методиј”, со капацитет за 250 деца, основно училиште во село Селце, отворање на центри за ран детски развој во неколку села. Ќе продолжиме со процесот на инсталирање инвертери, соларни панели до нивно целосно завршување, како и реконструкција, проширување на училишните капацитети и модернизација на истите. Ќе продолжи процесот на модернизација на библиотеките, збогатување на фондот на книги со изградба на читални во училишните згради, истакна градоначалничката.

Таа потсети дека досега се вложени 100 милиони денари во обнова на сите градинки и училишта во општина Тетово. Отворено е ново основно училиште „Наим Фрашери” во Речица, кое е нова и совршена средина за нашите деца и изградена според најсовремените западни стандарди, формирање на Регионален центар за стручно средно образование во Тетово и отворање Центри за постојан развој за деца.

Извор: МИА

Видео на денот