Антикорупциска будно ќе ја следи изборната кампања

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, денеска на прес-конференција информираше дека согласно новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Комисијата ќе ги следи буџетските средства и финансирањето на изборната кампања за претседателските избори и локалните избори кои се одржуваат во Охрид, Дебар и Ново Село.

Иванова истакна дека од денот на распишувањето на избори до завршувањето на изборите не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал. Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати. Не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции.

– Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или нивните блиски лица – изјави Иванова која меѓу другото истакна дека е забрането и јавни започнувања на изградби со средства од Буџетот или од јавни фондови.

Таа потенцираше дека во текот на следењето и контролата на законитоста на финансирањето на изборната кампања Антикорупциска комисија ќе остварува непосредна соработка со медиумите, граѓанските здруженија и со граѓаните, посочувајќи дека сите пријави приложени со доказ ќе бидат земени предвид.

Видео на денот