Амбасадата на Италија во Скопје организира тридневен џез-фестивал со италијански музичари

Постер и програма на фестивалот

Како дел од многубројните иницијативи организирани по повод одбележувањето на 30-годишнината од дипломатските односи меѓу Италија и Северна Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје го организира италијанскиот џез-музички фестивал „JaZzIT! Italian jazz trilogy“, кој ќе трае три дена, од 5 до 7 декември.

Фестивалот е во организација на Амбасадата на Италија во Скопје, заедно со престижната римска музичка институција „Fondazione Musica per Roma“, „Casa del Jazz“ и Италијанскиот институт за култура во Белград, со поддршка од италијанското Министерство за култура.

На отворањето на фестивалот, на 5 декември, во клубот „Станица 26“, од 20.30 часот, македонската публика ќе може да проследи оригинални изведби на водечки имиња на италијанската џез-сцена, како саксофонистот Марчело Аули, триото „The Original Box Brothers“ (со уникатен грув на „гаражен бенд“ со џез-изведба на легендарниот басист Енцо Пиетропаоли), како и познатата кантавторка Костанца Алегиани.

На 6 декември, исто така во „Станица 26“ ќе следи концертот на виртуозот на труба Џовани Фалцоне (солист), а по него ќе настапат дуото Мауро Кампобасо и Мауро Манцони со патувачкиот проект „Vanishing Point“, а потоа и триото „Федра“ со Симона Северини (автентичен спој на џез и античка музика).

Конечно, на 7-ми декември, во Македонскиот народен театар, фестивалот ќе кулминира со концертот на квартетот на младиот саксофонист Габриел Марчијано и неговиот проект „A reason to believe“ (во модерниот стил на њујоршкиот џез), а потоа и со изведбата на „Freak Machine Trio“ на Џовани Фалконе (со многу ритмички и мелодични композиции, инспирирани од медитеранскиот фолк и панк-рок).

Овие реномирани италијански џез-музичари во своите професионални биографии имаат бројни студиски албуми и изведби на светските сцени, а дел од нив имаат работено со повеќе џез-легенди, како Пет Метини, Чет Бејкер, Паоло Фрези, Роберто Гато, Дејв Бурел, Роберто Отавијано, Џанлуиџи Тровези итн.

Влезот за концертите во клубот „Станица 26“ ќе биде бесплатен. Билетите за концертот на 7 декември ќе може да се набават на билетарницата на Македонски народен театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот