Албанско-американска врска за влез во ЕУ

Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Гледам на Бугарија како и се витка кичмата под притисокот на Американците. Не само што нема Влада, туку влегува и во институционална и уставна криза. И тоа нема да биде сè, тоа го знае и бугарскиот претседател Румен Радев кој вели „притисокот врз Софија допрва ќе се зголемува заради ветото кон Македонија“.

На Бледскиот стратешки форум тој беше буквално атакуван од лидерите во регионот, па и од европските претставници. Но најдиректен беше секако албанскиот премиер Еди Рама кој отворено го повика Радев, Бугарија да го симне ветото и да го откочи процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ. Рама се бори за нас затоа што двете држави одат во пакет, се додека е Макeдонија блокирана и Албанија стои во место. Веднаш зад него е и српскиот претседател Вучиќ, кој во ветото на Бугарија гледа непринципиелна закана и за својата земја, која може да ја блокира некој од соседите од слични причини како бугарските. Силна поддршка добиваме на отворено и од Хрватска и од Словенија. Но, пред сите, од Грција која прва и го отвори патот кон НАТО, а остана и цврст поддржувач на европската перспектива на земјава.

Очигледно Бугарија немала досега искуство со политиката на САД, кога се работи за нејзин геостратешки интерес, а Македонија очигледно е тоа. Но патот до таквата позиција што сега ја има Македонија не беше лесен. Мораше да се промени кодот во сфаќањето на која страна припаѓа и каде треба да бара пријатели. Оваа Влада очигледно го сфати тоа, но за жал, откако штетата беше веќе направена од претходната.

Во историјата е познато дека малите држави на Балканот отсекогаш имале свои големи спонзори од Запад. Словенија и Хрватска беа под закрилата на Германија, Србија на Франција, а Албанија под влијание на Италија. Само Македонија немаше никого во Европа за да ја брани, па можеше да се надева само на неутралноста на САД. Поради класична политичка и геостратегиска кусогледост на некои македонски политичари, Албанците и неа ни ја земаа пред нос. И тоа нашите Албанци, од Македонија. И така тие поддржани од САД, а со тоа и од останатиот демократски свет, со децении си ги унапредуваат своите национални интереси, за кои многумина кај нас мислат дека се спротивни на македонските национални интереси. Но, и покрај тоа, никој од македонскиот естаблишмент не се обидуваше да им се доближи на Американците, туку напротив, во еден период, (особено Владата на Груевски), уште повеќе се оддалечуваше од нив, креирајќи анти-американско расположение меѓу граѓаните, кое и ден денес постои кај некои од нив.

Погубноста на таквите политики беа евидентни за сите, освен за политички слепите. Или, пак, намерно биле така креирани зашто биле во служба на „други“ сили.

Се сеќавам, во 2001-вата кога во Македонија се распламтуваше воениот конфликт, со група новинари во придружба на тогашниот министер за надворешни работи летавме кон Истанбул. Тогашното раководство бараше поткрепа и сојузници претежно на исток, а го обвинуваше запад, за да се справи со албанската ОНА. Се потрефи да седам до еден поранешен турски амбасадор во Брисел со кого ја анализиравме состојбата во завојуваната Македонија. Ме праша каде одиме и зошто, а јас му реков да бараме помош од Турција, а потоа и во Брисел. Тој ми одговори: „Оди кажи му на вашето МНР да ја батали Турција и сите други земји каде што се упатил и веднаш да оди право кај Американците, и од нив да бара помош, секаква, ако веќе не е доцна, зашто пред вас таму сигурно биле Албанците“.

Разврската од воениот конфликт сите ја знаеме, а со тоа и дали турскиот амбасадор бил во право или не.

Како и да е, времињата се сменија. Конфликтот одамна заврши, а општеството се консолидираше во „едно за сите“. Сега земјата е членка на НАТО и за пријатели ги има и САД и многу други европски држави, а со регионот остварува се потесни релации. Значи сега во пакет ги имаме и Американците, ама и Албанците, кои пак сè уште ги имаат Американците, за да ги поттурнат Европјаните да ги притиснат Бугарите. И не само нашите Албанци, туку и албанските Албанци. Еди Рама е сега нашиот најголем поддржувач и лобист за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сега ја имаме албанско-американската врска за членство во ЕУ.

Македонија, токму во невоља, кога е притисната од Бугарија, стекна толку пријатели во регионот и во светот што никогаш ги немала. Сега сите тие напнуваат таа да стане европска држава. Дали е тоа доволно, ќе видиме.

Видео на денот