Афроамериканец за првпат ќе раководи со највлијателната надбискупија во САД

Фото: Принтскрин

Папата Франциско го именуваше надбискупот на Атланта, Вилтон Грегори за нов поглавар на Католичката црква во Вашингтон, соопшти денеска Ватикан.

Грегори (71) е првиот Афроамериканец на чело на највлијателната надбискупија на американската црква, со што се зголемуваат можностите да биде еден од квалификуваните кардинали, кои ќе гласат на папската конклава за избор на нов папа по смртта или евентуална оставка од папата Франциско.

Грегори е роден во Чикаго, а како претседател на конференцијата на американски бискупи во периодот од 2001 до 2004 година, агитираше за новата повелба за заштита на децата, по скандалот со сексуалното злоставување во Бостон во 2002 година.

Именувањето на Грегори за нов поглавар во Вашингтон уследи откако двајца негови претходници беа вмешани во скандали со сексуално злоставување.

Кардиналот Доналд Вурл по 12 години поднесе оставка од местото надбискуп во Вашингтон во октомври минатата година по извештајот на големата порота во која беше критикуван бидејќи не успеа да го запре злоставувањето додека беше надбискуп на Питсбург.

Неговиот претходник, поранешниот кардинал Теодор Мекарик беше исклучен од црквата откако се утврди дека е виновен за злосторства од сексуална природа над малолетни и возрасни лица.

Видео на денот