Шилегов: Скопската вода е една од трите најдобри во Европа

По повод „Светскиот ден на водата” скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЈП „Водовод и канализација” Душко Весковски денеска ги посетија каптажите Рашче 1 и Рашче 2, каде заедно со директорот на Центарот за санитарна контрола, Зоран Божиновски, констатираа дека скопската вода е чиста и квалитетна за пиење.

– Најубавата вода за пиење во Македонија е скопската. Таа е најчиста, константна, и е по потекло од еден хидробиолошки феномен. Тој е единствен во Европа и го карактеризира ресурсот што ние го дистрибутираме како вода за пиење, како идеално балансиран, никогаш незаматен, со константна температура и со благи варијации во составот, во текот на хидролошката година – соопшти Божиновски.

Тој исто така истакна дека водата ја има во вишок и дека покрај тоа што се разгледуваат алтернативни извори за снабдување со вода, граѓаните воопшто не треба да се грижат дали и со кој квалитет ќе ја имаат.

– Скопската вода е една од трите најдобри во Европа. Водата што ја пиеме е стара 30 години. Толку е потребно низ природните филтри водата од Шар Планина која по подземните патишта доаѓа преку Полог, Жеден до изворот Рашче да го помине патот и се филтрира низ сите овие геолошки појави што ги имаме под земја. Скопје и Виена веројатно се единствените градови во Европа што го имаат овој геолошки феномен што овозможува постојано водоснабдување на граѓаните со квалитетна, здрава, чиста и убава вода за пиење – истакна градоначалникот Шилегов.

Тој исто така напомена да не им се верува на лагите кои се шират за квалитетот на водата во Скопје и кои внесуваат страв кај граѓаните.

Видео на денот