Река прв, Силјановска втора, а Пендаровски ќе биде трет на гласачкото ливче

фото Архива

На 27. седница на Државната изборна комисија се одредија редните броеви на гласачкото ливче на претседателските кандидати. Блерим Река предложен од опозициските Алијанса за Албанците и Беса ќе биде под реден број еден. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ќе биде под реден број два додека кандидатот на СДСМ и ДУИ Стево Пендаровски ќе биде под реден број три на гласачкото ливче.

Од Државната изборна комисија побараа од кандидатите овие избори да бидат навистина европски како што претставниците на политичките партии претходно изјавиле.
– Кандидатите да бидат одговорни и строго да се однесуваат според пропишаните закони. Замолуваме за коректна, чиста, позитивна и европска кампања во интерес на политичките партии, на ДИК и во интерес на целата држава – изјави членот на ДИК Борис Кондарко.
Тој побара од кандидатите да не го прекршуваат изборниот законик и кампањите да започнат на први април за да не мора поради непромислени изјави да се поднесуваат претставки во ДИК.

Освен претседателски избори, во три општини во Македонија ќе се бира и градоначалник.

Во Охрид до денеска имало пет кандидатури, од СДСМ предложен е Митре Милошевски, а од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Трендафилов. Двајцата се сметаат за фаворити за градоначалничката фотелја во Охрид каде што локалните избори се секогаш неизвесни до самиот крај.

Во општина Ново Село, каде што поранешниот градоначалник Боро Стојчев си даде оставка откако беше фатен како шверцува цигари на границата со Бугарија, има само две кандидатури за градоначалник. Од ВМРО-ДПМНЕ е кандидиран Николчо Стоилков, а од СДСМ Никола Андонов.

За градоначалничкото место во Дебар до денеска исто така се пристигнати само две кандидатури, од Алијансата за Албанците е предложен Арбен Аголи, а од ДУИ Хекуран Дука.

Видео на денот