Расправии и нервоза на рочиштето за „ТНТ“

„Тони, доста бе“, „Не ни збори нам, збори му на судот“, „Доста ма“, „Штом толку знаеш, ти збори“, „Дончо, те молам не ме терај па баш тебе да те казнам“.

Сите овие зборови искажани со крајна нервоза, помеѓу дел од адвокатите на обвинетите во случајот на СЈО познат како „ТНТ“ и адвокатите, беа кажани на денешното рочиште што во поголем период мина во нивно меѓусебното надмудрување и расправии кој од нив повеќе знае за јавните набавки, за градежништвото и за правните нормативи.

Денеска сведочеше студент сведок на обвинетите од „ТНТ“,  Жанета Атанасовска од скопско Трубарево, вработена во Одделот за јавни набавки во Општина Гази Баба. Таа рече дека во Општината работи над 12 години и имала потврда за работа за јавни набавки после завршен курс од Заводот за вработување. Безмалку секое недовршено прашање на обвинителот од СЈО Бурим Рустеми упатено Атанасовска, кај адвокатите и нивните клиенти предизвикуваше причина за реакција, но голем дел од нив, судечкиот судија Огнен Ставрев ги отфрли како неосновани.

Во долгочасовната расправија, се дозна доста интересен момент, кој на пошироката јавност не ѝ е познат.

На 8 август 2011 година ИЗИС до општината доставил стручно мислење во кое се вели дека објектот „Космос“ доколку се руши, односно ако се користи динамит, пред да се стори тоа треба да се направи опширен и стручен елаборат од компетентна институција. Но, не минале ни 24 часа, односно следниот ден Општина Гази Баба започнала постапка за тендер за одбирање на фирма која ќе го урива „Космос“. Во предметот „ТНТ“ првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се уште шест лица, односно ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Истрагата за предметот беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт. За незаконското уривање на „Космос“ сопственикот Фијат Цаноски најави побарување за отштета од над 50 милиони евра.

Видео на денот