МТБ Исток ја одржа традиционалната велосипедска тура

Вчера во Штип, по повод денот на пролетта, членовите на неформалната велосипедска организација МТБ Исток, традиционално веќе седма година по ред ја одржаа манифестацијата која вклучува и велосипедска тура која опфаќа 54 километри.

Учесници во МТБ Исток се градовите Штип, Кочани, Радовиш, Виница и Пробиштип, а оваа година, како што изјави за „Слободен Печат“, Дејан Блажев, кој е еден од тројцата организатори, тие имале и гости од Кавадарци, Скопје, Прилеп но и од Бугарија.

– Кога започна оваа манифестација, бевме само тројца учесници, но со текот на годините бројката се зголемуваше и сега сме околу 60 луѓе, вели Дејан Блажев, еден од првите луѓе кои ја започнале оваа традиција.

Како што можевме да слушнеме, станува збор за велосипедска рута која се вози шест часа и тоа низ неколку планински села.

– Денешната рута изнесуваше 54 километри, со тоа што тргнавме од селото Карбинци по главниот пат кој води до одмаралиштето на планината Плачковица, односно до селото Парнарлија, потоа влеговме во селото Кучица, па од таму во селото Почивало, од Почивало во Кошево, па возевме низ селата Никоман, Габер, за потоа повторно да се вратиме во Карбинци, додава Дејан.

Организаторите изразуваат надеж дека во иднина оваа тура ќе биде ставена и во велисипедската асоцијација на Македонија, со што ќе стане и официјална и посеопфатна.

Видео на денот