Кандидатите за градоначалник на Охрид потпишаа Кодекс за фер и демократски избори

Кандидатите за градоначалник на Охрид денеска на иницијатива на Општинската изборна комисија ги ставија своите потписи на Кодексот за фер и демократски избори.

На изборите закажани за 21 април за испразнетата градоначалничка функција граѓаните ќе избираат од пет кандидати, актуелниот в.д. градоначалник Константин Георгиески како кандидат на СДСМ, Митре Милошески како кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Михаил Трендафилов – Нанче како кандидат на ГДУ, кандидатот на партијата Демократи Стевче Стевоски и Џемаил Мена од БЕСА.

Во име на ОИК, претседателот на комисијата Климент Камнаровски им заблагодари на кандидатите што ја прифатија иницијативата и со своите потписи даваат согласност на фер однесување во претстојната кампања, посакувајќи им успех на изборите.

После парафирањето на документот секој од кандидатите даде куса изјава со оценка како за самиот формален чин на потпишувањето на кодексот, така и за нивните очекувања во претстојниот изборен процес.

Стевоски пред медиумите рече дека Кодексот за фер и демократски избори е писмена гаранција за фер однесување на кандидатите, како меѓусебно, така и во нивниот однос кон граѓаните на Охрид. Истовремено оцени дека во иднина треба да се престане со таквата практика, затоа што лично смета дека гарант на фер услови во предизборниот процес треба да е државата, таа да придонесе за враќање на довербата во институциите, како кај самите учесници на изборите, така и кај граѓаните.

Кандидатот Трендафилов иако го потпиша документот, го оцени како фарса затоа што, како што рече, во земја во која има Устав и закони нема потреба од дополнителни обврзувања на фер однесување, односно дека за коректноста во однесувањето се одговорни самите кандидати, а фер кампања и фер избори да обезбеди државата, со санкционирање на некоректното однесување. Лично оцени дека претстојните избори нема да бидат фер поради тоа што уште пред стартот на кампањата не се обезбедени еднакви услови за кандидатите, пред се укажувајќи на огромната разлика во средствата што за кампања ќе ги трошат кандидатите поддржани од посилните партии, со обезбедени милионски суми за кампања, по цени на рекламирање идентични за сите кандидати.

Кандидатот Милошески овој чин на потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори го смета за симболичен, со забелешка дека одговорноста за фер и демократски избори е на Владата, таа да обезбеди терен за еднаквост на кандидатите на изборите. Истакна дека единствен браник за чесни избори се граѓаните, дека нивната излезеност ќе го детерминира степенот на демократичност на изборниот процес.

Кандидатот Мена смета дека потписите на кандидатите гарантираат фер и демократичност на изборите, лично посакувајќи им успех на противкандидатите.

Кандидатот од редовите на СДСМ Георгиески потпишувањето на документот го смета за чин што ја збогатува демократијата во целина и придонесува кон поголемо меѓусебно почитување на кандидатите. Истакна дека одговорноста за фер и демократска кампања и избори е на сите учесници во процесот, изразувајќи уверување дека предизборната кампања ќе мине со меѓусебно уважување, взаемно почитување на опонентите и високо ниво на политичка култура.

Од утре и официјално почнува предизборната кампања за изборите, што беа распишани поради ненадејната смрт на градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во декември минатата година.

Видео на денот