Димовски: Посетата на Папата Франциск во Северна Македонија претставува голема чест и има силна симболика

По повод апостолската посета на Светиот Отец, Папата Франциск во Република Северна Македонија, денеска во галеријата на НУ „Спомен-куќа на Св. Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа прес-конференција на која државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, информираа за програмата на претстојната посета.

Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски:

„Ми претставува голема чест и задоволство што денеска имам можност со вас да ги споделам првичните информации поврзани со посетата на неговата светост, Папа Франциск на Република Северна Македонија, посебно поврзаноста со организационите аспекти на посетата.

За прв пат во својата историја, Република Северна Македонија, нејзините граѓани од католичка вероисповед, но и сите други граѓани на нашата земја, на чело со претседателот, Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, на 7 мај, ќе бидат домаќини на посетата на Светиот Отец Папата Франциск и на високата делегацијата од Ватикан.

Првата посета на поглавар на католичката Црква на главниот град на нашата државата, претставува голема чест и има силна симболика. Се реализира во годината кога одбележуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи и претставува потврда на пријателските односи и соработката заснована на значајни историски врски, споделени духовни вредности и традиции. Во овој контекст неодминливо е споменувањето на светите ликови на Мајка Тереза, како и на светите браќа, словенските просветители Кирил и Методиј, чии хумани мисии оставија трајни духовни и цивилизациски вредности.

Соодветно на големината и значењето на оваа посета за нашата земја и за регионот, Владата и Министерството за надворешни работи, како носители на организациските активности, во соработка со кабинетот на Претседателот на државата и сите останати инволвирани институции ќе обезбедат сите оние кои ќе бидат непосредно вклучени во организацијата на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на високиот гостин од Ватикан, кој важи за неспорен првенец и морален авторитет на Денешницата.

Светиот Отец Папата Франциск и делегацијата на Ватикан на аеродромот во Скопје ќе пристигнат на 7-ми мај оваа година, во утринските часови, при што ќе биде организирана соодветна церемонија за добредојде.

Официјалната церемонија, од друга страна, со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската палата на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот Ѓорге Иванов.

Светиот Отец Папата Франциск потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата, Зоран Заев, по што ќе следува средба со претставници на државниот врв, на цивилното општество и  на дипломатскиот кор во нашата земја.

Агендата на посетата, потоа предвидува посета овде на Спомен куќата на Мајка Тереза, каде ќе има средба со лидерите на верските заедници, како и средба со сиромашни граѓани.

Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува Светиот Отец Папата Франциск ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.

После светата миса, Папата Франциск ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот кои тој ден ќе бидат во Скопје.

Светиот Отец, Папата Франциск потоа ќе има средба и со свештениците и нивните семејства, како  и со Богу посветените лица од Католичката Црква, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата со соодветна церемонија на аеродромот во Скопје.

Сакам да напоменам дека со желба за максимално успешна организација на овој исклучително значаен настан, креиравме посебна страница, www.papa.mk, на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите.

На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација на странски медиуми.

Повиците за пријавување и акредитација на граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве.

Истовремено, во име на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец Папата Франциск, најавувам и следни средби и брифинзи со  вас новинарите за повеќе детали од ваш интерес за организацијата на овој голем настан.

Почитувани претставници на медиумите, дозволете ми да завршам со констатација дека се подготвуваме и организираме настан од историско значење за нашата земја и за граѓаните од сите верски и етнички заедници, настан кој во ова време на интеграции на земјата ја засилува внатрешната кохезија и дава стимул на нашето заедничко живеење.

Во ова смисла, посетата на Папата ја гледаме како директен придонес кон унапредувањето на регионалниот и светскиот мир и како признание за улогата што Република Северна Македонија ја има во овие процеси.

Видео на денот