Британскиот парламент ги отфрли осумте алтернативни предлози за брегзит

Фото: Profimedia

Британските пратеници гласаа синоќа за осумте различни можности за брегзит, но ниту една од нив не ја доби поддршката на парламентарното мнозинство, со што би се се трасирал патот на Велика Британија во процесот на напуштање на Европската Унија.

Гласајќи за опциите, парламентот се обидува да најде алтернатива на договор за брегзит кој го постигна премиерката Тереза Меј со Брисел. Договорот досега беше одбиен двапати од страна на парламентот со убедливо мнозинство.

Меѓу предлозите, кои беа разгледувани, се повиците да се излезе од ЕУ без договор за разидување, да се остане во единствена трговска и царинска унија со ЕУ, да се стави каков било договор за заминување на референдум, или да се откаже брегзит ако стане извесно дека тоа ќе значи разидување без договор, пренесува АП.

Најголема поддршка доби предлогот Велика Британија останува во трајна царинска унија со ЕУ по брегзит, за кој гласаа 264 пратеници, а против беа 272. Со тесно мнозинство е отфрлен предлогот да се одржи референдум за брегзит. Излезот од ЕУ на 12-ти април без договор беше одбиен со убедливо мнозинство, од 160 наспроти 400.

За откажување од брегзит, во случај ако не биде постигнат договор, гласаа 184 пратеници, а против беа 293. Британските пратеници планираат да ја намалат листата на опции и повторно да гласаат во понеделник. Парламентот на Велика Британија со големо мнозинство гласаше за одложување на брегзит до 12 април и 22 мај.

Видео на денот