Активни три пожари во Светиниколско

Фото: Принтскрин МИА

Во светиниколскиот регион во моментов беснеат три пожари.Командирот на Територијаланата противпожарна единица (ТППЕ) Свети Николе Кирил Колев за МИА вели дека во населбата Бел Камен, место викано Крушки, во близина на Свети Николе изгоре викендичка, а на површина од 20 хектари изгореа и нискостеблеста шума и багрем.

– Пожарот е предизвикан од запалено стрниште, додека да пристигнеме викендичката веќе беше зафатена. Во моментов пожари има и над селата Милино и Кадрифаково, каде гори сува трева и шума. Сите пожарникари се на терен. Во моментов ни се расипаа и противпожарните возила. Едното е на поправка и чекаме да го ставиме во функција. Помош имаме од вработените во „Македонски шуми”, изјави Колев.

Тој забележува дека трите пожари почнале во исто време, точно на пладне, а во моментов се бараат и трактори што ќе направат бразди на земјиштето кое гори во близината на селата Милино и Кадрифаково со цел да не се шират пожарите.

Колев истакна дека земјоделците од февруари па се до денеска намерно ги палат стрништата со што предизвикуваат големи штети и на останатите земјоделски култури, а тие како Противпожарна единица постојано се на терен со старата опрема и возила.

Видео на денот