Адвокатот Алиспахиќ го навреди судот, судијата му „подели“ парична казна

Асмир Алиспахиќ, адвокат на еден од обвинетите за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски-Саздо, денеска од скопска единица заработи казна од 200 евра поради навреда на судот.

Во овој случај им се суди на обвинетите Бесир Беља и Скендер Демири. Освен Алиспахиќ, адвокат на обвинетите е и Насер Рауфи. Според судскиот совет во овој предмет Алиспахиќ за денешното рочиште бил уредно известен. Но, тој писмено го известил судот дека не можел да дојде бидејќи во 10.30 часот имал закажано судење за притворски случај во судот во Гевгелија.

Според скопскиот суд Алиспахиќ го прифатил тој предмет иако знаел дека овој случај е поважен од гевгелискиот, бидејќи во процесот за случајот во јавноста познат како „Саздо“ на обвинетите не им се заканува максимална затворска казна до пет години, туку поголема, можно е и доживотна.

Судскиот совет одлучи дека адвокатот Алиспахиќ го навредил судот и сите присутни, посебно родителите на жртвата и поради тоа го казни со парична казна од 200 евра во денарска противвредност. Обвинети од страна на Јавното обвинителство за смртта на Никола Саздовски се Бесир Беља, Скендер Демири и Јетон Љужа кој моментално е во бегство. Според обвинението тројцата кои се гонат за убиство, на свиреп начин со боксови го удирале Саздовски, а откако паднал на земја, тие продолжиле да го тепаат со клоци по целото тело. Нападот на 20-годишниот Никола се случи на автобуска постојка во Автокоманда во јуни лани, а една недела по нападот, поради сериозните повреди, тој почина во болница. Следното рочиште е закажано за втори април во 9.30 часот.

Видео на денот